Почина Професор Емеритус Александар Николовски

Со големо жалење ја примивме веста за смртта на Професор Емеритус Александар Николовски и длабоко жалиме за ненадоместливата загуба. Емеритус Николовски остави длабока трага во воспоставувањето на правниот систем во нашата држава и во промовирањето на високото образование. Неговите дела и богатата литература која ја остави зад себе, ќе бидат основа од која ќе учат уште многу идни генерации. Неговиот статус на пензиониран професор, не ја намали и потисна неговата желба и ентузијазам и понатаму да истражува и понатаму да го пренесува своето долгогодишно и богато искуство на новите генерации.

Емеритус Николовски во својот животен век извршуваше голем број на државни и академски функции. Беше  Претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија. Долгогодишен професор и продекан на Економскиот факултет и Правниот факултет при УКИМ, основач и прв Претседател на постојаниот избран суд (арбитража) на Македонија при Стопанската комора на Република Македонија сé до 2011 година, а до крајот на животот и почесен претседател. Исто така бил и меѓународен арбитер во повеќе меѓународни арбитражи, меѓу кои: Москва, Киев, Софија, Љубљана, Сараево, Белград, Загреб, Виена и други.

Професионална ориентација му беа: трговското право, меѓународните договори, транспорт, шпедиција, осигурување и корпоративно управување, на ЕУ. Предавал повеќе предмети на додипломски, постдипломски и докторски студии и бил ментор на голем број магистерски и докторски трудови на неколку универзитети во Република Македонија и надвор. Учествувал на голем број домашни и меѓународни конференции, како и во многу домашни и меѓународни комисии од неговата научна област. Членувал во повеќе организации и научни и стручни тела во Македонија и надвор од неа. Има објавено 34 книги од кои 10 се наоѓаат во Конгресната библиотека во Вашингтон и огромен број рецензирани научни трудови објавени во Македонија и странство.

Професоре Александар Николовски, вечно ќе се сеќаваме на вас и вашите дела и вечно ќе ве споменуваме ние, сегашните генерации и следните кои ќе читаат и слушаат за Вас.

 

Вечна Ви слава! Vivat academia! Vivant professores!

Leave A Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *